ПИСАТЕЛИ

АНА ХОГЛУНД
Ана Хоглунд е шведска авторка и илустраторка родена во 1958 година. Се смета за една од најзначајните шведски илустраторки, а работела со автори како Улф Старк и Барбро Линдгрен. Има напишано и свои авторски дела (сликовници и книги за млади), а била наградена со повеќе шведски и меѓународни награди, како „Deutscher Jugendliteraturpreis“, плакетата „Elsa Beskow“, наградата „Zilveren penseel“, „August Prize“ и плакетата „Nils Holgersson“. Во 2016 ги добива и наградата „Astrid Lindgren“ и посебно споменување (Special Mention) за „Bologna Ragazzi Award“.
Жири-комисијата за наградата „Astrid Lindgren“ вели: „Ана Хоглунд пишува и илустрира на начин кој е и поетичен и прецизен, и тенденциозен и прекрасен, и современ и безвремен – таа зборува за врските, емоциите, идентитетот и растењето и тоа ги допира и остава печат и на младите и на повозрасните читатели.“

ИВА БЕЗИНОВИЌ-ХЕЈДОН
Ива Безиновиќ-Хејдон (Риека, 1981) дипломирала хрватски јазик и компаративна книжевност на Филозофскиот факултет во Загреб. Живеела во САД, Унгарија и Германија, а моментно со сопругот и нејзините три деца живее во Загреб. Работела како преведувачка, учителка, лекторка, а најмногу време посветила на својата школа по хрватски јазик за странци. Нејзините кратки приказни и песни на хрватски и на англиски јазик можат да се најдат во антологии на кратки раскази и на интернет-портали. Досега има објавено пет сликовници. Повеќе нејзини приказни биле финалисти во различни книжевни натпревари, а освоила и неколку награди.

СЕЗЕН АКСУ ТАШЈУРЕК
Сезен Аксу Ташјурек e писателка и илустраторка на книги за деца. Родена е во 1989 година во Ескишехир, Турција. Дипломирала на Анадолската школа за убави уметности, a потоа и на Думлупинарскиот факултет за убави уметности, на одделот за цртани филмови и анимација. Таа пишува и илустрира книги за деца од 2013 година. Досега, илустрирала повеќе од 60 книги за деца. Ги напишала и ги илустрирала следниве книги: „Дали чудовиштата доаѓаат ноќе?“ (2017), „Каде е мојот дом?“ (2017) и „Џиновскиот ковчег на Пера“ (2022). Таа постојано работи на нови проекти во нејзиното студио во Истанбул.

ИДА МЛАКАР ЧРНИЧ
Ида Млакар Чрнич е популарна и наградувана словенечка авторка на книги за деца. Уште на седумгодишна возраст одлучила да стане писателка – кога ја напишала својата прва приказна за едно изгубено гравче. Во моментов работи во младинскиот оддел на јавната библиотека во Љубљана, каде што организира читања и други активности за деца. Во слободно време пишува приказни, опишувајќи ги односите меѓу луѓето. Емоциите во нејзините приказни допираат и до најмалите и до најголемите читатели.

ДОРА ГИМЕШИ
Дора Гимеши е писателка, сценаристка, драмска писателка и режисерка од Сегедин, Унгарија. Дипломирала на отсекот театарски студии на Универзитетот за театар и филм, специјализирајќи адаптации за куклен театар. Работи како драматург во куклениот театар во Будимпешта. Признаена како иноватор во современото кукларство, таа има добиено многубројни театарски награди. Нејзината книга Деветтиот живот на принцот на мачките ја доби наградата HUBBY книга за деца на годината. Таа е и една од авторките на серијата Временски тркач (Idofut.r), која е многу популарна меѓу тинејџерите.

МОРТЕН САНДЕН
Мортен Санден е роден во 1962 година во Стокхолм. Израснал во градот Лунд, каде што дипломирал психологија. Откако завршил факултет, почнал да пишува текстови за песни на повеќе шведски изведувачи, а потоа и книги за деца. Напишал повеќе од четириесет книги за деца и млади за кои добил многубројни награди, меѓу кои и престижната шведска награда „Астрид Линдгрен“. Се смета за еден од најзначајните современи шведски писатели за деца и млади. Член е на шведското Здружение на писатели на крими-романи и на Здружението на писатели за деца, а од 2018 година е и член на жирито кое ја доделува познатата интернационална награда за книжевност за деца и млади Меморијалната награда „Астрид Линдгрен“ (ALMA).
фото © Stefan Tell, 2018

ЛИН СКОБЕР
Лин Скобер (1970) е позната норвешка глумица, комичарка и писателка. Образованието го стекнала на Државната школа за глума и факултетот „Вестердалс“. Учествувала во многубројни театарски претстави, телевизиски филмови и серии. Напишала драмски текстови за театар и телевизија. „За младоста“ е нејзиното прво книжевно дело, а по него следуваа „За зрелата доба“ (2020) и „За староста“ (2021).

ВИКТОРИЈА ПАТРАШКУ
Викторија Патрашку е родена во Рамнику Валчеа. До својата шеста година владееше со Земјата Од Зад Зградите. Со граници помеѓу собирачот на отпадоци во облик на полжав, „железото“ за тресење теписи и кафетеријата „Широки прозорци“. Беше мудра владетелка. Можеше да стои на глава цела минута и пол, да фаќа полноглавци со голи раце и да зборува на јазикот на мачките скитнички. Потоа требаше да оди на училиште. Со години. И заборави многу нешта од оние што ги знаеше. Потоа работеше во печатот и заборави и некои други нешта. Денес живее во една друга земја, без граници, во која жители се нејзините ликови: Дапко, Лутко и Плетко, баба Берта и чудовиштето Меурко. Има и други, но за нив ќе дознаете тогаш кога ќе дојде време за тоа. Таму ги пронајде сите нешта што ги беше изгубила. Кога се телепортира во Букурешт, ѝ се допаѓа да шета со трамвајот број 32, да прислушкува што зборуваат луѓето и да пишува приказни.

ШТЕФАНИ ХЕФЛЕР
Штефани Хефлер, родена во 1978 година во близината на Штутгарт, Германија, завршила германски, англиски и скандинавски студии во Фрајбург, Германија, и во Данди, Шкотска. Работела како учителка и театарски едукатор. Со семејството живее во Шварцвалд, Германија. Нејзиниот прв роман за деца и млади е »Mein Sommer mit Mucks« („Моето лето со Мукс“), во 2015 година, за кој ја добила наградата за млади писатели на германската Академија за литература за деца, а во 2016 година била номинирана за престижната Deutscher Jugendliteraturpreis (Германската награда за литература за млади) во категоријата литература за деца. Нејзиниот роман »Der Tanz der Tiefseequalle« (2017; „Танцот на Длабокоморските медузи“), исто така беше номиниран за Deutscher Jugendliteraturpreis, а ја доби и наградата LUCHS во 2017 година.

КАТРИНЕ НЕДРЕЈУРД
Катрине Недрејурд (родена 1987 година) е Сами и норвешка авторка и драмска писателка. Израснала на северот на Норвешка, но живее во Париз од 2011 година. Пишува поезија, драмски текстови, романи за млади и за возрасни. Нејзиниот втор роман за млади „Пушти ме“ (2018) беше номиниран за Норвешката книжевна награда Uprisen (2018), а беше и дел од почесната листа на IBBY (2020).

ЕДВАРД ВАН ДЕ ВЕНДЕЛ
Едвард ван де Вендел е неуморливо плоден и многунаградуван холандски писател. Автор е на стотина разновидни книги за деца и млади (романи, сликовници, стихозбирки, спортски годишници, хроники, графички новели) и преведувач на уште барем толку, од неколку европски јазици (англиски, француски, шпански). За својот опус ја има добиено наградата „Тео Тајсен“ (2024), највисокото холандско признание за автор на детска книжевност. Влезен е и во потесниот избор за двете највидни светски награди во областа: наградата „Ханс Кристијан Андерсен“ (2024) и меморијалната награда „Астрид Линдгрен“ (петкратно номиниран).

КРИСТА УНЦНЕР
КРИСТА УНЦНЕР, род. 1958 год. во Берлин, студирала комерцијална графика. Од 1982 год. работи како самостојна илустраторка и илустрирала околу 150 книги, главно детски книги, кои делумно се објавени во целиот свет. Во изминатите години развива претежно сопствени проекти и мали театарски продукции. Со својот животен сопатник живее во Берлин и во Јужна Франција.

БИЛЈАНА С. ЦРВЕНКОВСКА
Билјана Црвенковска е писателка, сценаристка, уредничка и преведувачка. Дипломирала на институтот по филозофија на Филозофскиот факултет при УКИМ, а магистрирала на истиот институт, со тема од областа на семиотиката и филозофијата на јазикот. Пишува претежно за деца и млади, но и за возрасни: проза, поезија, драмски текстови, сценарија за ТВ и анимирани серии, стрипови… Автор е и на повеќе песни, раскази, кратки драмски текстови, научни есеи и трудови, театарски критики, новинарски текстови и колумни, објавувани во повеќе антологии, списанија и публикации. Црвенковска е креатор и автор на сценарија за повеќе серии и кратки анимирани филмови за деца и возрасни.
ИЛУСТРАТОРИ

АНА ХОГЛУНД
Ана Хоглунд е шведска авторка и илустраторка родена во 1958 година. Се смета за една од најзначајните шведски илустраторки, а работела со автори како Улф Старк и Барбро Линдгрен. Има напишано и свои авторски дела (сликовници и книги за млади), а била наградена со повеќе шведски и меѓународни награди, како „Deutscher Jugendliteraturpreis“, плакетата „Elsa Beskow“, наградата „Zilveren penseel“, „August Prize“ и плакетата „Nils Holgersson“. Во 2016 ги добива и наградата „Astrid Lindgren“ и посебно споменување (Special Mention) за „Bologna Ragazzi Award“.
Жири-комисијата за наградата „Astrid Lindgren“ вели: „Ана Хоглунд пишува и илустрира на начин кој е и поетичен и прецизен, и тенденциозен и прекрасен, и современ и безвремен – таа зборува за врските, емоциите, идентитетот и растењето и тоа ги допира и остава печат и на младите и на повозрасните читатели.“

ХАНА ТИНТОР
Хана Тинтор е илустраторка и аниматорка од Загреб. Дипломирала на студиите по дизајн – насока за визуелни комуникации, а потоа и магистрирала илустрација на Школата за уметности во Кембриџ, Велика Британија. Нејзината работа опфаќа илустрации за списанија, мурали, музички спотови, авторски филмови, стрипови и, секако, сликовници.
Во 2023 година ја добива наградата „Григор Витез“ за сликовницата „Каде се крие Ведран?“ (Ива Безиновиќ-Хејдон). Освен во цртањето, Хана ужива во пливањето, слушањето аудиокниги и во дружењето со својата териерка Лола.

ПЕТЕР ШКЕРЛ
Петер Шкерл завршил на Академијата за убави уметности во Љубљана. Бил дел од многу театарски и куклени претстави – прво како актер-аматер, а потоа и како сценограф на повеќе претстави за деца. За илустрациите на книгата „Мочурливци“ на Барбара Симонити ја добил наградата „Хинко Смрекар“ – најважната награда за илустрација во Словенија, а книгата била вклучена и во каталогот White Ravens на 200 најдобри книги за деца и млади за 2014 година. Ја добил и наградата „Кристина Бренкова“ за оригинална сликовница на словенечки јазик во 2007, 2016 и 2018 година, трипати бил номиниран за Меморијалната награда „Астрид Линдгрен“ (ALMA) и двапати за наградата „Ханс Кристијан Андерсен“.

ЛИСА АИСАТО
Лиса Аисато (1981) е наградувана норвешка илустраторка, писателка и ликовна уметница. Освен илустрирањето книги од други автори, напишала и илустрирала неколку сопствени сликовници, кои се многу популарни во Норвешка. Нејзините чудесни илустрации се вклучени и во другите книги на Лин Скобер, „За зрелата доба“ (2020) и „За староста“ (2021).

КРИСТИЈАНА РАДУ
Некогаш одамна имаше едно самотно дете кое со светот се среќаваше најчесто на хартија. Листот хартија се претвораше во кралство, а неговото населување со знаци, бои и ликови – беше обид исто толку сериозен како и животните случки од секојдневието. Со внатрешни битки, победи и откритија што нудеа парче дополнителен живот во којшто можеше повторно да се соберат малите и големите (не)случени случки или можеше да се побегне во поубава приказна. Пределот на врвот од моливот е исто толку фасцинантен и денес за Кристијана Раду, а господинот Молив ѝ остана добар другар. И понатаму си игра со него, на хартија, помеѓу страниците на книгите или врз ѕидовите на оние што го сакаат тоа. Приказните однатре решија, со негова помош, да излезат во светот, исто како зборовите на Ела.

КАТАЛИН СЕГЕДИ
Каталин Сегеди е илустраторка и повеќекратна добитничка на наградата Најубава унгарска книга и добитничка на наградата Илустратор на годината во 2005 година. Таа добила многу меѓународни признанија и била номинирана за наградата „Астрид Линдгрен“ во 2010 година. Нацртала илустрации за многу книги, а некои од нив се преведени и објавени на повеќе јазици, меѓу кои и шведски, полски, француски, холандски и македонски.

НИТА МУЧА
Нита Муча е уметница, илустраторка и историчарка на умтност. Сака животни, тивки места и цртање. Сака да црта смешни и страшни нешта, најчесто со темни бои, но понекогаш ги меша со многу светли бои: розова, жолта, сина, зелена…
ПРЕВЕДУВАЧИ

ВАСКО МАРКОВСКИ
Васко Марковски (1973) е туристички водич, патеписец и литературен преведувач. Завршил студии по турски јазик и книжевност со чешки јазик и книжевност. Дваесетина години работел како новинар, патеписец и уредник во петнаесетина медиуми (радио, печатени и мултимедија). Во периодот 2008-2011 бил главен уредник на месечникот „Free Time Guide – Macedonia“. Автор е на поетската книга „Корпоративно утро“ (2013), на монографијата „Урбани легенди“ (Бегемот, 2018, 2023), збирката репортажи „Непозната Македонија“ (Бегемот, 2020) и книгата поезија „Скопски улици“ (Бегемот, 2022). Преведува од турски на македонски проза и поезија. Во 2014 година објавил избор од сто песни од знаменитиот турски поет Орхан Вели („Риба во шишето ракија“, Антолог, 2014), на стогодишнината од раѓањето на поетот. За неговите патеписи е награден со признанието „Најдобар промотор на Македонија“ за 2010 година.

КСЕНИЈА ЧОЧКОВА
Ксенија Чочкова (родена 1979 година) дипломирала на Катедрата за германски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Денес живее и работи како книжевен преведувач и менаџер во културата во Баден-Баден, Германија. Досега работела на повеќе изложби, конференции, различни проекти од областа на културата.
Со литературен превод се занимава од 2004 година и досега има објавено повеќе од 30 преводи на автори од германско говорно подрачје. Во нејзин превод се објавени автори како Зигфрид Ленц, Бернхард Шлинк, Јулија Франк, Елфриде Јелинек, Бертолт Брехт, Кристоф Хајн, Штефан Цвајг, Елијас Канети, Роберт Валзер, Роберт Музил и други. За своите преводи е наградена со повеќе стипендии како „Средба на преведувачи“ организирана од Литературниот колоквиум Берлин, „Преведувачка резиденција“ на Гете институтот и фондацијата Алфред Тепфер во Гут Зиген.

РОДНА РУСКОВСКА
Родна Русковска работи како самостоен и судски овластен преведувач за шведски и англиски јазик. Како некој што лично бил вклучен во шведската култура, посебен дел од нејзината преведувачка работа е посветен на превод на литературни дела од шведската книжевност. Меѓу шведските автори чии дела ги превела на македонски јазик и се достапни за македонските читатели се делата на познатите и наградувани Селма Лагерлеф, Астрид Линдгрен, Стиг Дагерман, Пер Улов Енквист, Рејдар Јонсон, Шерштин Екман, Елен Матсон, Ане Свард, Лина Волф, Лена Андерсон, Карл-Јохан Валгрен, Ева-Мари Лифнер, Стефан Мендел Енк, Јунас Карлсон, Јонас Хасен Кемири, Оскар Крун, Лив Стромквист, Сара Лундберг, Јоханес Анјуру, Мартин Видмарк, Мортен Санден и др. Тековно работи на неколку шведски модерни литературни преведувачки проекти.

ЗЛАТКО ПАНЗОВ
Златко Панзов е роден во 1979 година во Гостивар, Македонија. Дипломирал на групата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Скопје, магистрирал на културологија на Институтот за македонска литература на тема „Исток и запад – осиромашување на човековиот дух во делата на Бела Хамваш“. Докторанд е на Докторската школа за литература при Универзитетот ЕЛТЕ, Будимпешта. Предмет на неговите интереси и истражувања е историографската метафикција во македонскиот и унгарскиот современ роман. Работел како професор по македонски јазик, а од 2003 година активно се занимава со литературен превод. Работи како лектор по македонски јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија при Универзитетот ЕЛТЕ, Будимпешта. Досега објавил над четириесет преводи од унгарски јазик за повеќе издавачки куќи. Преводи на дела од Бела Хамваш, Адам Бодор, Ноеми Сечи, Петер Надаш, Шандор Мараи, Ѓерѓ Конрад, Деже Костолањи, Кристина Тот, Иштван Еркењ, Ференц Молнар, Михаљ Бабич, Ласло Краснахоркаи, Атила Бартиш, Ѓерѓ Драгоман, Едина Сворен, Бенедек Тот, Петер Естерхази, Ноеми Киш, Ѓерѓ Шпиро, Тибор Дери и др., заедно со Анамарија Цинеге-Панзова ја приредиле и ја превеле Антологијата на унгарскиот краток расказ Сецирање на живо, зборникот За македонскиот јазик, избор на текстови од Блаже Конески и Крсте Петков Мисирков, објавен по повод сто години од раѓањето на Блаже Конески и зборникот Македонски книжевно-историски мозаик (2023), избор на текстови од реномирани македонски книжевни теоретичари. Зборниците се објавени во реномираната едиција „Opera Slavica Budapestinensia“ на Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта. Во 2023 година ја добива наградата за книжевен превод „Драги“ за преводот о унгарски јазик на романот Заробеништво од Ѓерѓ Шпиро.

Ели Пујовска
Ели Пујовска има преведено над седумдесет дела од холандски и од фламански јазик на македонски. Добитник е на наградата „Златно перо“ за најдобар превод на годината за преводот на романот Розата и вепарот од Ане Провоуст. Учесник е во голем број проекти за книжевен превод реализирани со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија. Уредник е во издавачката куќа АНКХ.

КАЛИОПА ПЕТРУШЕВСКА
Калиопа Петрушевска е родена во Скопје, во 1949 година. Дипломирала на студиите по романска филологија (француски и италијански јазик) на Филолошкиот факултет во Скопје, а постдипломски испити од книжевно-историската насока полагала на Филолошкиот факултет во Белград. Од 1973 до денес активно се занимава со превод на прозни и на драмски текстови – некои играни на театарските штици во Македонија, некои објавени од македонски издавачки куќи – најчесто од француски јазик. Мајка е на две возрасни ќерки и помајка на три кучиња од женски род. Ужива во секој преведувачки предизвик, особено кога станува збор за дијалози и игри на зборови.

ЛИДИЈА ДИМКОВСКА
Лидија Димковска (1971, Скопје) објавила седум поетски збирки: Рожби од Исток (1992, заедно со Борис Чавкоски), Огнот на буквите (1994), Изгризани нокти (1998), Нобел против Нобел (2001), pH неутрална за животот и смртта (2009), Црно на бело (2016) и Гранична состојба (2021); четири романи: Скриена камера (2004), Резервен живот (2012), Но-Уи (2016) и Единствен матичен број (2023); американскиот дневник Отаде Л. (2017) и збирката раскази Кога заминав од Карл Либкнехт (2019). Нејзините книги се преведени на шеснаесет јазици. Ги добила наградата за дебитантско поетско дело, двапати наградата за проза „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија, германската награда за поезија „Хуберт Бурда“, романските награди „Поесис“ и „Тудор Аргези“, европската награда за поезија „Петру Крду“, наградата на Европската унија за литература за романот „Резервен живот“, Специјалното признание „Европско културно наследство“ за најдобар расказ, словенечката „Чаша на бесмртноста“ за десетгодишен поетски опус, албанско-македонската награда за поезија „Наим Фрашери“, наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска збирка за „Гранична состојба“ и други. Нејзините книги биле номинирани и за американската награда „Најдобра книга во превод“ како за поезија така и за проза, за германската „Берлински мост“, за полската „Европски поет на слободата“, за меѓународната „Балканика“ и за словенечката награда „МИРА“. Уредила четири антологии. Преведува од романски и словенечки јазик на македонски.

ДАРКО СПАСОВ
Дарко Спасов е универзитетски дипломиран филолог и магистер по драматургија од Кочани. Преведува книги за деца и за возрасни веќе дваесет и пет години и досега превел над 80 прозни, драмски, поетски и театролошки дела од словенечки, но и од англиски на македонски јазик. Меѓу нив се вбројуваат авторите: Тадеј Голоб, Вероника Симонити, Драго Јанчар, Петер Светина, Марко Сосич, Броња Жакељ, Евалд Флисар; Станка Храстељ, Цветка Бевц, Питер Брук, Деклан Донелан; Сигфрид Мелхингер, Михаил Александрович Чехов, Нејц Заплотник, Андреј Розман Роза, Винко Модерндорфер, Сузана Тратник, Себастијан Прегељ, Нил Сајмон, Петер Резман, Томаж Космач, Иван Добник, Барбара Хануш… За превод на пиесата „Брана“ од Конор Мекферсон во 2019 г. ја добива втората награда на Еуродрам.

ИСКРА БАДЕВА
Искра Бадева е родена во 1980 година во Скопје. Додипломски студии по скандинавистика завршува на Софискиот универзитет во Бугарија во 2007 година. Извесен период работи како уредник и преведувач во издавачката куќа „Табернакул“. Преведува од англиски, норвешки, шведски, дански и од фински јазик и досега има изработено педесетина преводи на актуелни скандинавски автори. За својата преведувачка работа ја добива наградата „Златно перо“ за 2011 година која ја доделува Здружението на литературни преведувачи на Македонија.

КОРНЕЛИЈА МАРКС
Корнелија Маркс е славистка, македонистка, преведувачка и поетеса од Хале, Германија. Има преведено многу значајни дела од српски, хрватски, босански, црногорски и македонски на германски јазик. Меѓу другите, ги превела на германски и романот за деца „Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“ и романот за возрасни читатели „Девет приказни за госпоѓица Сит“ на Билјана С. Црвенковска.

МАГДАЛЕНА КУКИЌ
Магдалена Кукиќ е македонистка, индолог, преведувачка и техничка уредничка на книги за деца. Најмногу од сѐ сака да пее, патува, да јаде македонски специјалитети, да чита книги и да шета по Максимир. Вљубена е во Загреб, градот во кој живее, но и во Охрид, градот во кој често сака да побегне по малку бисери, фантазија и Македонија. Ги превела сликовниците „Невидливата куќа“, „Девојчето и градот“, „Девојче и мече“ и „Нела Смела и Бушавата Бура“.